Потенцијалните газди на Поштенска банка се шират и во авиобизнисот
Холдингот „Химимпорт“ АД од Софија, доминантен акционер во Централна кооперативна банка од Софија, која е потенцијален купувач на Поштенска банка - Скопје, најавува проширување на своите инвестиции во авиобизнисот. „Химимпорт“ е мнозински сопственик на авиокомпанијата „Булгаријан авиејшн груп“, која од 1 декември најави воспоставување редовна авиолинија од Скопје до Софија.
„Булгаријан авиејшн груп“ објави дека влегува во партнерство со „Луфтханза техник“, водечки обезбедувач на поддршка, поправка и основен ремонт на авиони и технички компоненти, со кој ќе гради ново претпријатие за поддршка во Софија, која ќе биде петта база на групата „Луфтханза техник“ за основна поддршка во Европа.
„Луфтханза техник“ ќе понуди дејности за поддршка за групата авиони „ербас А-320“, како и за авионите „боинг 737“, „737 класик“ и „737 НГ“ (Next Generation). Претпријатието ќе опслужува клиенти од Европа, Блискиот Исток и Северна Африка. „Луфтханза техник“ заедно со „Булгаријан авиејшн груп“ ќе инвестира повеќе од 20 милиони евра.
„Булгаријан авиејшн груп“ од регионално претпријатие денес прерасна во меѓународен оперативен доставувач кој ги опфаќа трите бугарски воздухопловни претпријатија – „Bulgaria Air“, „Hemus Air“ и „Viaggio Air“, се вели во соопштението до медиумите.